Во Македонија најчесто се запленуваат цигари и алкохол, а покрај автомобили на листата на запленет имот се наоѓаат и куќи, станови, викендички и деловен простор. Дел од предметите се продаваат на електронско јавно наддавање, дел се уништуваат, а некои им се подаруваат на социјално загрозените и семејствата настрадани од елементарни непогоди.

Предметите за кои не се води кривична или прекршочна постапка можат да бидат дадени на социјалните установи, социјално загрозените семејства, како и во акции за помош на настрадани, велат од Агенцијата за управување со одземен имот која е надлежна за извршување на овие постапки.

Пред формирање на Агенцијата, надлежноста за управување со конфискуваниот имот ја извршуваа повеќе институции. Односно тоа беа сите 26 судови низ државата, Царинската управа преку царинските испостави низ државата, инспекторати, МВР преку секторите за внатрешни работи и полициските станици, како и шумската полиција. Со формирањето Агенцијата, согласно Законот ги наследи надлежностите на овие институции во поглед на постапувањето со одземените предмети, вели директорот на Агенцијата, Башким Амети.

Според него, предмет на одземање или конфискација во кривична или прекршочна постапка може да биде секој имот или предмети. Најчесто тоа се куќи, станови, деловни објекти, подвижни предмети возила, техничка стока, облека, храна, жива стока, лекови, хартии од вредност, злато, сребро, парични средства, како и предмети од историско и културно значење. Освен овие, предмет на одземање можат да бидат и предмети од ограничен или надвор од промет како наркотични дроги, психотропни супстанци, оружје, муниција, експлозивен материјал и цигари.

Агенцијата е надлежна за чување и складирање на одземениот имот, која потоа на истиот врши проценка на вредноста и спроведува постапка за продажба или отстапување согласно законите. Предметите што се без декларација и фалсификатите се уништуваат од страна на Царинската управа, во соработка со Координативното тело за интелектуална сопственост и застапниците на трговските марки регистрирани во земјава. Нивното уништување се врши во депонијата Дрисла, по поводот Денот на интелектуалната сопственост.

Што се однесува до предмети изработени од штетна пластика или предмети штетни за околината, Агенцијата досега нема постапувано, но доколку се јави потреба за такво нешто во иднина ќе го направи и тоа, односно ќе постапува согласно постоечките норми и прописи за Заштита на животната средина.

– Согласно законот, Агенцијата може одредени предмети како храна, облека, обувки и безалкохолни пијалаци да ги отстапи без надоместок на државни органи, јавни установи основани од државата, здруженија на граѓани и фондации, согласно со закон за што претходно треба да ја извести Владата. Така многу често Агенцијата отстапува разни предмети за потребите на социјалните установи, социјално загрозените семејства, како и учествува во голем број акции за помош на настрадани, како на пример во акцијата за помош на поплавените, во која се отстапи многу облека, техничка стока, покуќнина, дрва и други предмети на Министерството за труд и социјална политика за потребите на загрозените лица во поплавените подрачја, вели Амети.

Тој појаснува дека при одземање на недвижен имот мебелот и покуќнината не се одземаат, но тие можат да бидат предмет на одземање на пример во прекршочна постапка од страна на Царинската управа како непријавена или криумчарена стока.

Продажбата на одземените предмети се врши со јавно наддавање по електронски пат. Купувачи можат да бидат сите правни и физички лица, освен вработените во Агенцијата и осуденото или лицето против кое се водела судската или прекршочната постапка. (А.С)