Актуелната ситуација поврзана со Грција, не е предвидена во европската правна рамка. Можно е да прибегнеме кон процедура „запирање на часовникот” до одржувањето на закажаниот за во недела референдум во Грција, изјави претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц.

Тој ја даде изјавата по вонредната средба на претседателскиот совет на ЕП со претседателот на ЕК Жан Клод Јункер.

Претходно денеска Јункер ги повика Грците да гласаат на референдумот со „за”. Шулц изјави дека институциите на ЕУ се присоединуваат кон тој повик.

Според претседателот на ЕП, можно е до утре вечер, кога официјално истекува актуелната спасувачка програма за Грција, да биде свикана нова вонредна средба на шефовите на држави и влади од еврозоната или на министрите за финансии (Еврогрупата).