Владата е оптимист. Следната година не очекува поголем економски пораст, не оптимален, но позитивен. Ваквите прогнози за поповолен деловен амбиент в година, извршната власт ги базира врз закрепнувањето на индустрискиот сектор, кој по децениска стагнација, првпат заживува годинава. Владата самозадоволно до крајот на 2005 година констатира дека БДП ќе ни порасне за 3,8 насто, а просечна стапка на инфлација (мерена преку трошоците на живот) ќе биде 0,6 отсто. Овие два макроекономски агрегата се во целосна согласност со проекциите направени на почетокот на годината. Единствено, според владините видувања “изненади” инфлацијата која беше проектирана на 1,2 отсто. За владата толерантно, за другите економски експерти дестимулативно и задушувачки за економијата.
“Макроекономските остварувања од 2005 година изразени преку порастот на индустриското производство, фискалната дисциплина, ниската стапка на инфлација, урамнотежувањето на екстерната сметка и намалувањето на каматните стапки, претставува показател за сигурно закрепнување на македонската економија”. Ова го констатирала Владата на последната седница на која е усвоена Макроекономската политика за 2006 година.
“За разлика од минатата година кога индустриското производство немаше придонес во бруто-домашниот производ, во 2005 година индустријата е главниот носител на интезивираната економска активност. Остварувањето во деветте месеци од годината, односно порастот од 7,6 насто покажува дека индустријата до крајот на годинава ќе бележи повисок пораст од проектираниот за околу 7 проценти”. Додека за изминатите години беше својствено инцидентно заживување само на некои стопански гранки (црната и обоена металургија, енергетиката) според владината аналитика, порастот овој пат, не е концентриран само во две-три гранки. Дури кај 70 отсто од индустриските гранки се бележат позитивни резултати, меѓу кои најзначајни се кај прехранбената индустрија, индустријата за основни метали, за градежни материјали, како и кај текстилната, тутунската и хемиската индустрија. Ваквата проекција за 2006 година, всушност претставува краткорочна економска програма на Владата во која се дадени условите, основните задачи и приоритетите од областа на економијата. Со макроекономската политика во 2006 година скромно се најавува за нијанса повисок пораст на БДП од 4 отсто, одржувањето на ниската стапка на инфлација од 2 насто и зголемување на извозот за 9,7 насто.


Виолета ЦВЕТКОВСКА