Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.

На средбата било заклучено дека сите во државата треба да се посветат на заокружување на реформскиот процес, посебно во правосудството и на успешни претседателски избори, што ќе ѝ овозможи на државата да продолжи напред.

„Ова се клучни моменти за евро-атлантската иднина на државата. Владата го знае својот дел од одговорноста и заедно со сите политички и општествени чинители во државата, вклучувајќи го и дијалогот со опозицијата, мотивира имплементација на реформите, посебно во делот на правосудството со цел добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни, како и успешно заокружување на процесот на НАТО интеграциите, до крајот на годината. Истовремено посветени сме на обезбедување регуларен и успешен изборен процес за претседател на државата и очекуваме сите во државата да го имаат предвид својот дел од одговорноста во овој значаен период за Република Северна Македонија“, рекол премиерот Заев, соопштија од Владата.

На средбата било разговарано и за поддршката што Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје ја обезбедува на нашата држава, експертска и друг вид потребна помош, во процесот на целосно интегрирањe во НАТО.

„Нашата цел е Република Северна Македонија, низ учеството во мисиите на НАТО, опременоста на Армијата, преку постепеното зголемување финансиски средства за Армијата, да биде достоинствена 30-та земја членка на НАТО“, рекол Заев.

извор: Makfax