Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и премиер, Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Португалија, учествуваше во работата на Конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), заедно со пратеничката и членка на СДСМ Јагода Шахпаска.

За време на конгресните активности, претседателот на Владата на РМ и претседател на СДСМ Заев оствари средба со Бертaлан Тот, претседател на сестринската Социјалистичка партија на Унгарија (MSZP).

Ова беше прва средба која двајцата соговорници ја искористија за запознавање, и на која Претседателот на Владата на РМ и претседател на СДСМ на Тот, му го честиташе изборот за претседател на унгарската социјалистичка партија, со која СДСМ споделува заеднички вредности и визија за обединета и прогресивна Европа, како фер, слободна и одржлива.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев ја пренесе благодарноста на граѓаните во Република Македонија за поддршката што Унгарија ја дава за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО, и истакна дека соработката и поддршката меѓу двете држави и народи, е само потврдена и продлабочена со соработката меѓу двете сестрински партии СДСМ и СПУ.

Двајцата соговорници се согласија дека владеењето на правото е темелна вредност на ЕУ.

– Очекуваме да продолжи конкретната поддршка за зајакнување на владеењето на правото, и дека унгарските институции ќе постапат согласно европските начела и меѓународните конвенции, и дека ќе обезбедат екстрадиција на Никола Груевски, рече премиерот Заев на средбата со претседателот на сестринската Социјалистичка партија на Унгарија (MSZP), остварена за време на Конгресот на ПЕС во Лисабон.