Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска го прими во посета државниот министер за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија Михаел Рот, придружуван и од амбасадорот на Германија во нашата земја Томас Герберих.

На средбата во Владата, Заев и државниот министер Рот ја афирмирале заедничката согласност за искреното пријателство и соработка меѓу двете земји, како за целата силна и искрена поддршка што Германија ја посветува на Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унија, соопшти владината прес-служба.

Заев и Рот се задржале и на прашањата за идната динамика на реформите во нашата земја, на односите со соседите и во регионот, како и на актуелниот момент од разговорите за проблемот што Грција го има со нашето уставно име.

Државниот министер Рот, во рамки на средбата, истакнал дека од Македонија сега пристигаат добри вести, и дека неусловената препорака на Европската комисија до Европскиот Совет државата да добие датум за преговори за членство во ЕУ, е сосема заслужена.

На прес конференцијата, по средбата Заев информираше дека заедно со државниот министер споделиле заедничка констатација дека постигнатите резултатите на Македонија се исход на бескомпромисна политичка волја за трајни реформи, и за афирмација на заедничките водечки вредности како што се демократија, владеење на правото, независни институции и слободни медиуми.

„Тоа не прави да останеме максимално посветени на реформите во континуитет. Максимално посветени остануваме и на планот на добрососедските односи и регионалната соработка. Европа ја препозна Република Македонија како земја која воведе нов дух во соседските односи. Секогаш отворени за дијалог врз основа на взаемна доверба и почит, фокусирани во тој дијалог да оствариме позиции победа-победа за двете страни“ истакна премиерот Заев на прес конференцијата, и додаде дека амбицијата наМакедонија е покана за влез во НАТО и започнување на преговори за пристап со ЕУ во 2018 година.

Нашата земја, рече Заев, може да биде позитивен пример и да ги охрабри другите да ги удвојат напорите за реформи и надминување на споровите.

На заедничката прес-конференција Рот оддаде признание за досегашните остварувања на Македонија и додаде дека Германија и другите земји членки на ЕУ и партнери на земјата очекуваат реформите да продолжат со истата динамика.

Посебно е важно, нагласи Рот, прашањето за името да се реши годинава, и Македонија да продолжи да испорачува и понатаму посветеност во борбата против корупцијата, практицирање на владеење на правото и правната држава, за да ги увери и последните евроскептици во проширувањето на ЕУ, дека Република Македонија го избрала европскиот пат.

 

извор: Makfax