Разговорите докажуваат дека сум бил уверен оти граѓаните ќе поддржат демократски, а не режимски политики, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев по состанокот со коалициските партнери, коментирајќи ги аудио снимките кои беа објавени вчера.

Претседателот на СДСМ изјави дека граѓанските организации, за кои се сметал во тоа време за предводник, се многу поблиски до демократските политики, а  тоа го докажуваат самите разговори.

„Јас добро знам дека нема сила што може да ги контролира невладините организации и граѓанските активисти. Јас бев дури во 17 ред кога беа сите маршеви и протести. По мое сфаќање, профилација на карактерот на наши граѓани кои што се граѓански активисти е специфична, а тоа значи слободарска, неконтролирачка и секако апсолутно демократска“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Заев кажа дека бомбите се дадени до СЈО и никаде освен на СЈО.

„Имаше шпекулација за т.н. Чауш кој е член на СДСМ дека имал разговори, па дека тие се пуштале, таму се потврдува дека возможно е Чауш, кој е Албанец, но и некои други да има допир, но откако биле селектирани од кај мене бомбите дадени за преведување за да можат да бидат објавувани. Да не заборавиме во тоа време Никола Груевски и Али Ахмети беа власт, ние бевме опозиција. Наша задача беше за сите владејачки партии за кои имавме индиции за одреден криминал да го објавиме и конечно таму слушате и мојата јасна определба за рашсистување со криминалците и криминалот. Не бегам со тоа. До ден денеска сум токму на такви стојалишта и ставови“, додаде Заев.

 

извор: Makfax