Претседателот на Владата Зоран Заев, попладневно одржа средба со вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД, Метју Палмер.

Владината прес-служба соопшти дека на средбата станало збор за политичките процеси во земјава како и подготовките за реализирање на претстојниот Референдум закажан за 30 септември, пришто заеднички било оценето дека ова е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат и да ја имаат можноста слободно да се изјаснат.

„На средбата беше истакнато дека потпишувањето на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е позитивен пример за целиот регион на Југоисточна Европа во насока на решавање на отворените прашања, гарантирање на стабилност, подобрување на добрососедските односи и продлабочување на економската соработка“, соопшти владината прес-служба.

Заев, во рамки на средбата изразил благодарност за силната поддршка од страна на САД за време на неодамнешниот самит на НАТО во Брисел кога нашата земја ја доби поканата за започнување на преговорите за членство во НАТО.

Двете страни се согласиле дека во иднина ќе продолжи и ќе зајакне стратешкото партнерство меѓу Република Македонија и САД.

извор: Makfax