Зоран Заев, претседателот на Владата се повлече и го смени исказот околу наводната криминална мрежа со лекови. Тој рече дека не сакал да се стави во улога на обвинител, туку само да ги предупреди криминалците.

Целта ми е само да порачам немојте да си играте играчки со парите на граѓаните, изјави Заев.

Откако од собраниска говорица, лично Заев, пред неколку дена раскажа оти шемата вклучува и матични лекари кои издавале фиктивни рецепти, а во организација со аптеки им се давале лекови на луѓе без пари, кои пак потоа ги продавале во државата, но и во странство, сега омекна во ставовите, но повторно посочи оти истраги има.

Не обвинувам никого, тоа може само истрагата да го потврди, секако, никој не е виновен се додека докази не го потврдат спротивното. Наша аспирација е од септември да пуштиме лекови без квоти, а тое е сериозен ризик, ама граѓаните ќе имаат лекови, вели Заев.

Јавното обвинителство не потврди, но ниту негираше дека постои предистражна постапка.

Дејствија кои се преземаат од јавното обвинителство во предистражна постапка, согласно Законот за кривична постапка се тајна, поради што не сме во можност да ви обезбедиме било каква информација, велат од ОЈО.

Останува „да виси“ прашањето дали со ваквите јавни говори премиерот веќе и наштетил на постапката, бидејќи во случај криминалци да дознаат дека се под лупа на институциите, би можеле да уништат докази и да ги прикријат трагите.

Заев, пред околу две години имаше слична ситуација, па намерно или случајно, јавно проговори за истрага за корупција на двајца владини функционери. Јавноста не дозна кои се тие, а Јавното обвинителство не отвори официјален предмет. До денес, остана непознато и како премиерот дознава за тајни предистражни постапки на обвинителството.