Пријателството меѓу Македонија и Грција, придобивките од преспанскиот договор, процесите во македонскиот и грчкиот парламент, членството во НАТО и Нобеловата награда за мир, беа темите на кои се осврна премиерот Зоран Заев во интервјуто за грчкиот весник „Ефимерида“.

Тој истакна дека Македонија и Грција и нивните граѓани можат да бидат искрени пријатели, а договорот од Преспа не може да се промени во иднина.

„Процесот е неповратен. Не постои можност некој да го смени Договорот од Преспа. Станува збор за закон и исто така тоа е уставна промена. Го менуваме уставот бидејќи веруваме во иднината за нашите граѓани и регионот, а сакаме да испратиме и порака до Европа за европски Балкан. Навистина, Грција има право да биде земја лидер на Балканот“, вели Заев.

Премиерот изрази надеж дека решението меѓу Македонија и Грција ќе добие зелено светло од пратениците во двете земји, но не ја крие загриженоста во однос на тоа како ќе помине ратификацијата во грчкиот парламент.

„Да, загрижен сум, како што сум загрижен и за нашето Собрание, бидејќи, на крајот, гласаат пратениците“, вели Заев во однос на претстојните процеси во грчкиот парламент.

За процесот во Македонија, Заев рече дека во моментов не знае колку пратеници ќе гласаат „за“, но смета дека ќе бидат над 80. Тој објасни дека процесот на уставните измени е во тек и се одвива во консултација со грчката влада, бидејќи како што рече, важно е овој процес да биде во духот на преспанскиот договор.

Запрашан за руската реакција, македонскиот премиер вели дека Македонија е мала, но пријателска земја која сака да ги зајакне односите со Русија, но објаснува дека над 80 проценти од граѓаните ја поддржуваат евроатлантската интеграција. Заев смета дека членството во НАТО ќе донесе мирни гаранции за Балканот.

Што се однесува до Нобеловата награда за мир, за која тој и грчкиот премиер беа предложени, македонскиот премиер во интервјуто открива дека му пишал на Ципрас оценувајќи дека предлогот за Нобелова награда е голема чест, на што Ципрас му одговорил дека најголемата наглада е пријателството и иднината за двете земји и нивните граѓани.

Заев вели дека е среќен бидејќи има нов пријател и се надева дека во иднина со Ципрас ќе се состанат во Скопје или во Атина. Премиерот во интервјуто истакнува и дека нема да се кандидира за претседател бидејќи не сака да ја загуби радоста на моментот кога ќе се имплементира договорот.

извор: Makfax