Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признанена од сите, горда, исправена, еднаква со другите останати, држава на која граѓаните ќе бидат горди, премиерот Зоран Заев од Пелинце им се обрати на граѓаните по повод одбележувањето на двата Илиндена.

Храброста на нашите борци, додаде Заев, на кои денес им се поклонуваме е мотивот кој не води секој ден, за држава исправена пред светот. Нема подобар начин да им се оддолжиме, освен со продолжување на храбрите чекори. Време е Македонија да направи историја, забрзано да продолжи на патот кон посветла иднина.

Одговорот на таа шанса треба да го дадеме заеднички, никој место нас нема да донесе одлука, изјави премиерот. Заев апелира граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември и да кажат „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија, рече дека Договорот со Грција е патриотски и дека со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство и повика на единство, наместо на поделби. Да ги запреме сите поделби, да се обединиме внатре и со европското семејство за да имаме утре. Пред неколку дена го потврдивме датумот за референдумот – 30 септември.

Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО. Секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука. Сега е моментот. Државотворните народи препознааваат вакви историски моменти, во вакви моменти не се седи дома, не се молчи, туку шансата треба да се зграби храбро, одлучно, достоинствено, истакна Заев. Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата, а со тоа и за иднината на својата земја, додаде претседателот на Владата, и упати повик до граѓаните, како што рече, да докажат дека никој не може да ги поколеба да изберат. Излезете и изберете. Демократскиот избор на граѓаните мора да се почитува, нивниот став е конечен. Уверен сум дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор, дека ќе го избереме патот што води напред. Никој не може да не споре, одлучни сме и решителни Македонија да успее и ќе успее, подвлече премиерот.

Официјалното одбележување во Пелинце почна со интонирање на македонската химна и со положување цвеќе во Меморијалниот центар. Во Пелинце, премиерот Зоран Заев беше придружуван и од владини министри, меѓу кои беа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и за надворешни Никола Димитров.

извор: Makfax