Како дел од бројните активности и средби на Светскиот економски форум во Давос, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со Жан-Филип Куртуа, извршен потпретседател на компанијата Мајкрософт.

Од прес центарот на Владата наведуваат дека двајцата соговорници на средбата размениле мислења за потенцијалите за соработка меѓу Мајкрософт и Владата, во делот на услугите од информатичката технологија, како и во делот на платформите за размена на знаења и искуства.

Заев го информирал Куртуа за степенот на развојот и примената на информатичката технологија и го запознал со програмата на Владата за долгорочна и суштинска апликација на новите информатички технологии во администрацијата, образованието и во сите други области.

„Посебно внимание на средбата беше посветено на информацијата дека Владата на Република Македонија ги разгледува можностите за развој и за апликација на блокчејн технологија, како и за потенцијалите кои стојат пред оваа глобална компанија да учестува со проекти во образованието во средното и универзитетското образование. Премиерот Заев на средбата информираше и за подготовките за организацијата на првиот самит за ИТ (дигитална економија) кој ќе се одржи во Република Македонија како прв од ваков тип во регионот, и како дел од Берлинскиот процес“, велат од Владата.

На средбата се разоварало и за можностите за инвестирање во Република Македонија, плановите на Владата за намалување на данокот за ИТ компаниите, како и за можностите за дополнително зголемување на државната помош за компаниите од информатичката технологија.

извор: Makfax