Од сите нас зависи каков ќе биде светот после Ковид-19, но сега ја имаме шансата која не смееме да ја пропуштиме да го направиме подобар. Ова го истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска учествуваше на Парискиот мировен форум кој оваа година се одржува целосно во дигитален формат и преку видеоконференциска врска.

На Форумот учествуваат повеќе од стотина шефови на држави и влади, лидерите на меѓународните организации, како и други влијателни личности од меѓународниот бизнис, од граѓански организации, од академската сцена, од верски организации и други.

Во своето видео обраќање, Заев истакна дека денеска светот е исправен пред заеднички непријател кој за многу кусо време покажа дека не ги признава границите.

Нагласи дека пандемијата предизвикана од коронавирусот не само што го загрози најскапоценото – човечкиот живот, туку ја турна на колена светската економија и речиси нѝ го одзеде социјалниот живот.

„Со право, граѓаните го свртеа погледот кон нас лидерите, со очекувања да изнајдеме брзи и ефикасни решенија. И ние, ја примивме пораката! Секојдневно и без одмор, во национални рамки, во европски, и еве како овие три дена – на Парискиот форум за мир, и во светски рамки, се обидуваме да изнајдеме соодветен одговор на кризата која треба заеднички да ја надминеме. Тука сме сите заедно да размениме идеи и најдобри практики со цел да изнајдеме решение за овој предизвик“, потенцираше Заев.

Тој додаде дека длабоко е уверен дека единството и солидарноста се потребни повеќе од кога било и дека светските лидери треба во практика да ги покажат овие вредности кои ќе бидат на висина на предизвикот – да не познаваат граници и да бидат глобални.

„Од сите нас зависи колку светот после КОВИД-19 ќе биде ист или различен, но сега ја имаме шансата, која не смееме да ја пропуштиме, да го направиме подобар!“, рече Заев.

Во своето обраќање на церемонијата на свеченото отворање на работата на Парискиот форум за мир, претседателот на Франција, Емануел Макрон подвлече дека како никогаш досега на светот му треба нов консензус за прашањата од интерес на сите граѓани на глобално ниво, како што се пандемијата со Ковид-19, тероризмот и климатските промени.

Како приоритет тој го истакна прашањето за заедничката соработка и солидарност на утврдувањето на безбедна и ефикасна вакцина и за потребата од мултилатерална поддршка на глобалниот план КОВАКС, чија цел е да обезбеди фер дистрибуција на вакцините против КОВИД-19.

извор: Makfax