Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на годишното изборно собрание на Македонско – бугарската стопанска комора. Премиерот му честиташе на Кирил Лазаров, кој беше избран за нов претседател на стопанската комора и му посака успех, а на членките на комората им оддаде признание за нивната улога во зајакнувањето на соработкара со Бугарија.

„Во иднина вашата работа ќе претставува значаен јазол којшто ќе ги поврзува земјите и бизнисот на економски план. Лично јас негувам огромна надеж токму преку овој состав денеска овде присутен дека ќе го оправда тоа што ние политичарите сме должни да го овозможиме, а тоа е да го отвориме патот за бизнисот, профитот, работните места, бруто домашниот производ и меѓусебната трговска размена. Владата на Република Македонија е цврсто решена да ги отвори перспективите за бизнисот и економијата. Прв храбар чекор на тој пат беше потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија. Преку градење на политички мостови кои не спојуваат настојуваме да постигнеме економски резултати кои се важни за подобрување на животниот стандард на граѓаните од двете земји“, рече Заев.

Тој ги оцени како охрабрувачки последните податоци кои покажуваат дека по потпишувањето на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство со Бугарија има зголемување на обемот на трговската размена.

„Сигурен сум дека и во иднина многу компании од Бугарија ќе ја препознаат нашата земја како стабилна и долгорочна дестинација и ќе инвестираат во Македонија. Како што се многу примери, на досегашни компании, едно од тие е Минстрој на господинот Волканов. Мое очекување е да се отворат многу пазари и полиња на соработка и за македонските компании и во Бугарија. Должност на политичарите, на нас е да ги отворат можностите, а должност на стопанствениците е да ги зграбат таквите можности.

Додаде дека Македонија широко ги отвори вратите за нови инвестиции и дека сите компании добиваат третман на домашни компании.

извор: Makfax