Премиерот Зоран Заев денеска оствари телефонски разговор со заменикот државен секретар на Соединетите Американски Држави, Џон Саливан. Заев во разговорот ја изрази благодарноста на Владата за силната поддршка на САД за време на целиот процес на спроведување на Договорот од Преспа и го запозна со активностите во врска со спроведувањето на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, односно од Договорот со Грција, соопшти Владата.

Двајцата соговорници за време на телефонскиот разговор се согласиле дека успешниот епилог на Договорот од Преспа, како и постапката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, е од исклучително значење за двете земји, но и за регионот.

,,Премиерот Заев истакна дека Република Северна Македонија останува на својот долгорочен и стратешки интерес за дополнително развивање и проширување на односите меѓу двете земји, особено во делот на економските релации.

Заев и заменикот државен секретар на Соединетите Американски Држави, Џон Саливан го споделија заемниот интерес и определба двете земји да останат посветени на прашањата за мирот и стабилноста на земјата и на регионот и во таа насока, заменикот државен секретар на САД, Саливан ја изрази неговата постојана поддршка за Преспанскиот договор и истакна дека со нетрпение чека да и посака добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО”,се додава во соопштението.

извор: Makfax