Втора година по ред, владите на Македонија и Бугарија заеднички го прославија Илинденското востание. Премиерите Заев и Борисов се поклонија пред споменикот на Гоце Делчев во Благоевград.

Борисов на средбата со Заев која се одржа попладнево во Благоевград, каде што се одбележуваат 115 години од Илинденското востание, оцени дека само една година откако се потпиша Договорот за пријателство, соработка и соседство, веќе се чувствува позитивен резултат во заемните односи.Според прес-службата на бугарската Влада, Борисов искажал задоволство од новиот дух на соработка кој заживеал трајно во односите меѓу Бугарија и Македнија по потпишувањето на Договорот.

„Генерации на политичари беа подготвени и успешни. Минатата година го потпишавме Договорот за соседство. Ние не верувавме, но ние го потпишавме. Нешто што не доведе до контроверзност. Минатата година отидовме заедно на гробот на Гоце Делчев во Скопје, заедно бевме во Рим. Покажавме огромна, но и тивка дипломатија. Тука сакам да им честитам и на колегите Заев и Ципрас, кои дојдоа до решение на еден децениски спор“, изјавил Борисов.

Според него, веќе се очигледни позитивни ефекти во трговската размена и туризмот меѓу двете држави.На средбата било разговарано за состојбата на граничните контролни пунктови меѓу Бугарија и Македонија, за подобрување на нивната работа и за отворање нови. Според БГНЕС,  Бугарија и Македонија планираат да го прошират и модернизираат граничниот премин Станке Лисичково.

На чествувањето во Благоевград учествува и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а од бугарска страна министерот за одбрана Красимир Каракачанов и градоначалникот на Благоевград, Атанас Камбитов.

 

извор: Makfax