Процесот на избор за кандидати за пратеници ќе биде транспарентен, инклузивен и професионален со цел да се одберат одговорни, чесни професионални личности, кои уживаат углед и доверба во професиите и во местата на живеење, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев по вечерашната 14-та седница на Централниот одбор на СДСМ.

„Започнуваме постапки за избор на најодговорните кандидати за пратеници во историјата на независна Македонија“, порача тој.

Објасни дека постапката за избор започнува од базата на партијата, од месните и општинските одбори кои ќе предлагаат и усвојуваат имиња за кандидати за пратеници, а паралелно ќе биде дадена можност и за самокандидирање.

„Она што е новост во постапката е формирање на работна група кој ќе биде задолжена за креирање на ранг-листа на кандидатите за пратеници, а која во својот состав задолжително ќе вклучува надворешни експерти од различни области и ќе одлучува врз основа на строго утврдени критериуми, донесени од страна на партиските органи. Конечните листи, согласно статутот ќе бидат потврдени на Конгресот на СДСМ“, нагласи Заев.

Како што рече тој, на овој начин СДСМ ќе ги избере најодговорните кандидати за пратеници од независноста до сега.

„Пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието мина низ многу премрежја, донесе историски одлуки и со своето работење ја носи државата напред онаму кадешто припаѓа, во ЕУ и НАТО. Ако можевме да ја отвориме владата, да ги ослободиме медиумите, да го обединиме општеството, сигурно можеме да ги понудиме и да ги избереме најодговорните пратеници“, посочи Заев додавајќи дека ќе се внимава кандидатите да бидат различни по сите основи, мажи и жени, 50-50.

извор: Makfax