Премиерот Зоран Заев од кумановско Пелинце, каде што ќе одржи говор во рамките на одбележувањето на Илинден, попладне ќе замине за Благоевград. Таму заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе ја одбележи 115-годишнината од Илинденското востание. Ова ќе биде втора заедничка прослава по потпишувањето на договорот за пријателство, соработка и соседство помеѓу Република Бугарија и Република Македонија пред една година.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, ќе присусутвува на 70. културна манифестација „Илинден“, која традиционално се одржува во струшкото село Ташмаруништа.

Дел од прославата на Илинден во Крушево ќе биде претседателот на државата, Ѓорге Иванов, каде што ќе има и свое обраќање, а според најавите, на Мечкин Камен ќе присуствува и в.д. заменик-помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, кој е во Македонија во знак на поддршка за прогресот на земјата кон членството во НАТО и ЕУ.

Во Скопје свеченоста за Илинден почнува пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев, каде што цвеќе ќе положат претседателот на Собранието, Талат Џафери, и владина делегација.

извор: Makfax