„Привршува Светскиот економски форум во Давос. Впечатокот е јасен. Светот е глобално село, а неговите лидери знаат дека треба да да се поврзат уште повеќе и заедно да ги направат локалните средини подобро место за живеење. Форумот во Давос е многу значен за Република Македонија и особено за граѓаните на нашата земја. После повеќегодишна изолација, политичките лидери на Македонија и на регионот, повторно и заедно имаат свое присуство и глас на глобалната економска и политичка сцена. Нашиот став тука е слушнат: Западен Балкан создава сплотена иднина во ЕУ и НАТО“, оцени претседателот на Владата, Зоран Заев, на крајот од Светскиот економскиот форум во Давос, оценувајќи го учеството на македонската делегација како плодотворно и успешно.

Според него, во Давос земјите кои се во развој имаат уникатна можност да учат и да добијат инспирација од светските економски лидери, односно од оние кои го трасираат патот на развојот на светот.

„Во сите работни средби кои ги имавме со министерот за надворешни работи, добивме силна поддршка за реформите што ги спроведуваме во Македонија. Политичките пријатели на Македонија и потенцијалните бизнис инвеститори ни упатија јасна порака: „Реформите се клучни за економски просперитет!”. Интеграцијата на Македонија надвор, реформите и економските мерки дома, се клучни за развој и за внатрешен напредок на нашата држава. За развојот на Македонија мораме да работиме и овде во Давос, и насекаде во светот, но и во Скопје, и во Тетово, и во Штип, и во Босилово, и во Арачиново. Како што истакнуваат светските лидери, мораме да внимаваме на развојот на локалните заедници. Мораме да вложуваме во вештините на луѓето и да гарантираме безбедна работа дома. За тоа се зборува овде во Давос. За тоа ќе работиме и кај нас дома“, изјави премиерот.

Според Заев, охрабрувања и интереси за поддршка на Македонија стигнале на средбите со Европската банка за обнова и развој, со гигантите Мајкрософт и Филипс, со Борисов, Вучиќ и Брнабиќ, Ципрас, Тачи, Пленковиќ, Церар и со еврокомесарот Хан.

„Се сретнав и со Џерард Кушнер, советникот на претседателот Трамп, со кој што имавме заедничка вечера. Исто и со Ерик Шмит, директорот на Алфабет. Се сретнав и со министерот за економски развој на Русија, господинот Максим Орешки. Се сртетнав со Биљал Буто Заради, претседателот на народната партија на Пакистан, со премиерот на Сомалија, господинот Хасан Али Каир. Се сретнав и со Џерад Коен од  „Гугл Џиксо“ , со потпретседателот на белгиската Влада, со директорката на Светска банка, Кристелина Ѓеорѓиева, и со многу други пријатели на Македонија“, додаде тој.

 

 

извор: Makfax