Премиерот, Зоран Заев, утре и задутре, 15 и 16, септември ќе оствари работна посета на Грција, придружуван од делегација на Владата во чиј состав ќе бидат и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Како што соопштија од Владата, Заев ќе учествува на ,,24-та тркалезна маса со грчката Влада” во организација на угледниот магазин „Економист“, а ќе има средби и со грчкиот премиер и со грчката претседателка.

На тркалезната маса на „Економист“, на која оваа година доминираат темите за справување со пандемијата со Ковид-19 и потребата од нови здравствени политики, лекциите од менаџирањето со глобалната здравствена криза и влијанието на глобалната и европската економија, Заев ќе има свое обраќање на панел-дискусијата посветена на Западен Балкан.

Заедно со него, на овој панел, посветен на прашањата за проширувањето на Европската Унија и реформите што треба да се спроведат, како и за трговијата и инвестициите, ќе дискутираат и поранешните претседатели на Црна Гора и Србија, Филип Вујановиќ и Борис Тадиќ, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија, како и поранешната министерка за надворешни работи на Грција, и актуелна пратеничка од партијата Нова демократија, Дора Бакојани.

Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од грчката Влада, меѓу кои, за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, поранешниот претседател на Франција Франсоа Оланд, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција и други.

Во агендата на дводневната работна посета на Атина на премиерот Заев, на 16 септември е предвиден работен ручек со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, на којшто му претходи средба со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.

Премиерот Заев ќе има и повеќе средби со бизнисмени на конференцијата на „Економист“, како и со претставници на грчката бизнис заедница.

Битиќи и Димитров, за време на оваа дводневна работна посета на Атина ќе остварат средби со свои колеги и други членови на Владата на Грција, а Османи ќе оствари работна средба со неговиот колега, шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас како прва официјална средба по назначувањето на новата функција.

извор: Makfax