Премиерот Зоран Заев денеска престојува во еднодневна работна посета на Европската Унија во Брисел, придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и од министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Премиерот Заев и делегацијата ќе имаат одделни средби со потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка за надворешна политика и безбедносни прашања, Федерика Могерини и со комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Исто така, Заев за време на овој работен престој во Брисел ќе претседава со 15-тата сесија на Советот за стабилизација и асоцијација на која ќе се разгледува напредокот на нашата земја во процесот на интеграцијата во ЕУ.

Активностите во Европската комисија во Брисел ќе завршат со заедничка прес-конференција на Заев, Могерини и Хан.

извор: Makfax