Остануваме на намерата преку моделот на училиштен спорт да го зголемиме бројот на учениците кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 во основното и средното образование, рече премиерот Заев при увидот во градежните работи за изведба на спортска сала при основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково.

Се работи за спортска сала од 650 квадратни метри со вкупна вредност од 24 милиони денари (400.000 евра).

Во изјавата за медиумите, премиерот истакна дека изградбата на оваа спортска сала е во духот на реформите во основното образование и новиот Закон за основно образование, каде што има „тандем наставници“ за изучување на предметите по физичко образование, како една од стратешките определби на Владата.

„Село Волково и училиштето ‘Јоаким Крчовски’ за прв пат добиваат спортска сала после 60 години, која се гради од Министерството за образование и наука со помош и со поддршка на Општина Ѓорче Петров и ќе им служи на 367 ученици од село Волково и село Орман“, нагласи Заев.

Тој при увидот во градежните работи, кои се очекува да завршат во мај идната година, беше придружуван од заменик министерката за образование Елизабета Наумовска и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

извор: Makfax