Бројките на новозаболени лица кои ги бележиме деновиве се директна последица од неработењето, популизмот и партиското профитерство на техничкиот министер Наќе Чулев и неговиот шеф Христијан Мицкоски, пишува првиот човек на СДСМ, Зоран Заев на социјалните мрежи.

„Со крајно неодговорната, евтина и популистичка изјава дека граѓаните не треба да се казнуваат кога не ги почитуваат мерките и задолженијата, Чулев директно поттикна непочитување и прекршување на рестриктивните мерки и задолженија. Јавноста во бројни наврати беше сведок на масовни прекршувања на забраната за движење, забраната за групирање, непочитување на задолжително носење заштита опрема, а полицијата предводена од Чулев не преземаше ништо. Чулев и Мицкоски немаат никаква почит ниту кон здравствените работници, ниту кон експертите од Комисијата за заразни болести. Наместо да ја поддржат работата на Комисијата, тие бараат нејзино разрешување и со тоа истураат партиски бои врз епидемиологијата и сакаат да ги остават граѓаните на цедило“, пишува Заев.

Претседателот на СДСМ порача дека Чулев мора веднаш да поднесе оставка затоа што свесно го загрозил јавното здравје и свесно поттикнува незаконско постапување.

„Македонската полиција и македонските граѓани треба час поскоро да се ослободат од неодговорното однесување на Наќе Чулев“, смета Заев.

извор: Makfax