Европската комисија планира за земјите членки на ЕУ да воведе задолжителна солидарност во испорака на гас на соседните држави во текот на кризата, оваа мерка е во рамките на напорите да ја зголеми економската безбедност на земјите кои се зависни од енергенсите од Русија, пишува Фајненшнал Тајмс. 

-Ќе направиме големи измени во процесот на регулирање на безбедноста на снабдување. Тоа ќе биде уредено врз база на стрес тестовите кои ги направивме минатата година, изјави Ариас Канете, пренесува Ројтерс.

Според новите предлози на Комисијата кои официјално треба да бидат претставени неделава, Европа ќе биде поделена во девет зони, а државите кои влегуваат во овие зони ќе имаат обврска заедно да работат на плановите за изградба на инфраструктура која ќе овозможи поедноставен проток на гас меѓу земјите.

Комисијата, исто така бара пред некоја членка да потпише договор за испорака на гас да го добие на увид договорот и доколку биде потребно да стави вето на истиот.