Задар завчераутро осамна излепен со плакати на Анте Готовина, а лицата кои го направиле тоа им се непознати на хрватските власти. Стотина плакати со ликот на Готовина осамнаа на дуќаните и зградите во центарот на Задар и во задарската најпозната улица Калеларга. Непознати сторители, најверојатно, ги излепиле плакатите во текот на ноќта, но никој не ги видел кога и како го направиле тоа на потег долг повеќ е од сто метри. И полицијата ја пее истата песна: не знае ништо, ниту градот сака да зборува за тоа. Вработените во задарските дуќани, по доаѓањето на работа, молчешкум и без коментар, сами ги вадеа плакатите од излозите. Градоначалничката на Задар, Ана Ловрин, вели дека таа, доаѓајќи на работа, не го видела лепењето на плакатите, па, според тоа, нема што да коментира. “Па, веројатно, не мислите дека градската управа ги лепеше!”, беше единствениот нејзин коментар. Но, “чаршијата” веднаш го најде одговорот: плакатите се реакција на изјавата на премиерот Иво Санадер дека Готовина својот проблем треба сам да го реши во Хаг.