Производството на електрична енергија во “Електрани” на Македонија -ЕЛЕМ е сериозно загрозено. Земјава може да остане без сопствено производство на струја, оти преносниот оператор МЕПСО и должи на компанијата повеќе од 40 милиони евра. Како што велат од ЕЛЕМ, производството функционира на стаклени нозе и едвај ги обезбедуваат потребните репроматеријали за одржување. Бране Стефановски, портпарол на ЕЛЕМ вели дека МЕПСО како главен оператор на струја е обврзан на јавен тендер да назначи банка за порамнување. – Банката досега требаше да функционира и да бидат измирени сите финасиските обврски на трите компании што произлегоа од старото ЕСМ : ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕСМ Дистрибуција. При поделбата беше договорено дневниот прилив на пари што ќе пристигнуваат во касата на ЕСМ Дистрибуција веднаш да се распределуваат на трите компании според утврдени проценти, а потврдени и од Регулаторната комисија за енергетика – објаснува Стефановски. Според тоа, на сметката на ЕЛЕМ треба да се префрлаат 48 проценти од уплатените пари, 11 да одат во МЕПСО и 41 процент во дистрибутивната компанија. Од ЕЛЕМ го обвинуваат премиерот во заминување Владо Бучковски дека не ја реализирал ветената помош, а му забележуваат и на досегашниот министер за економија, Фатмир Бесими кој требал да ја забрза постапката за назаначување на банка за порамнување. ЕСМ – Дистрибуција на МЕПСО му должи повеќе од 30 милиони евра. Од дистрибутивната компани која сега е во рацете на австриските газди на ЕВН велат дека фирмата зависи од крајните потрошувачи. – Компанијата секој прилив редовно да го префрла на МЕПСО. Не случајно ја спроведовме актуелната акција за исклучување на големите должници кон ЕСМ – Дистрибуција. Со тоа долгот кон Операторот постепено се намалува – вели Ленче Карпузовска, портпарол на оваа компанија. Карпузовска укажува дека неплаќачите на потрошената електрична енергија се главните виновници што нема пари за да се затвори кругот на трите компании, а со тоа и дирекно го загрозуваат домашното производство на електрична енергија.


Валентина МАРЈАНОВИЌ