Во полуфиналето од Купот на Македонија во кошарка, за преодниот пехар на “Вечер”, во машка конкуренција, на 26 април ќе играат Вардар Осигурување – Поло Трејд (18 ч) и МЗТ Скопје – Ф. Работнички (20,15 ч). Два дена подоцна е големото финале. Кај жените на 22 април, во полуфиналето, ќе играат Вигор Скопје – Кимико (18 ч) и Вардар Кроација – Изградба комерц Младинец (20,15 ч), а финалето е на 24 април. Вака реши вчерашната ждрепка во просториите на Кошаркарската федерација на Македонија. Жените завршните натпревари за преодниот пехар на КФМ ќе ги играат во салата “Јане Сандански”, технички организатор ќе биде Вигор Скопје, а учесниците ќе ги поделат трошоците за натпреварите. Ваков заклучок се наметна, бидејќи никој не се јави за организирање на оваа кошаркарска ревија. И кај мажите никој ја немаше уплатено потребната котизација од 6.000 евра во денарска противвредност. Во просториите на КФМ пристигна писмо од КК Поло Трејд, кој прифати да биде домаќин на турнирот, но место котизација понуди компезација со обезбедено сместување и тренинзи на репрезентативните селекции во Струмица и одигрување еден репрезентативен натпревар. Бидејќи остана нејасно што значи тоа од финансиски аспект, но и кусокот на времето, КФМ ќе го организира турнирот во Скопје, во салата на СРЦ “Кале” како неутрален терен. Од годинашните учесници на 13. завршни турнири од Купот најмногу трофеи во машка конкуренција има освоено Ф. Работнички (го брани преодниот пехар на “Вечер”) пет, а МЗТ Скопје 2000 четири. Кај жените Вигор Скопје четири и Кимико (го брани пехарот на КФМ) два. (С.Т.)