Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш изјави денеска дека е разочаран од исходот на Конференцијата за климатски промени на ООН (ЦОП25) каде делегатите од околу 200 земји постигнаа само „минимален компромис“.

„Меѓународната заедница пропушти важна можност да покаже поголема амбиција во однос на намалувањето, адаптацијата и финансирањето на борбата против климатските промени“, се наведува во соопштението објавено по состанокот кој траеше повеќе од две недели.

Гутереш, сепак, вели дека не треба да се откажуваме и оти и тој нема да се откаже.

Маратонската Конференција на ОН за климата (ЦОП25) заврши денеска во Мадрид, со минимален компромисен договор и одложување на клучната одлука за регулирање на глобалните емисии на јаглерод за следната година.

извор: Makfax