“Обидете се да ги забрзате реформите, тоа е голем предизвик за секоја Влада во предизборен период. Најважна работа е да останете на реформскиот курс што ќе донесе зголемување на економските активности и вработувањата”, порача Орсалија Казанѕопулос, директор и регионален координатор на Источна Европа и Централна Азија на Светската банка задолжена за Македонија. Таа вчера престојуваше во нашава земја при што оствари средба со премиерот Владо Бучковски.
Според високиот гостин од Светската банка, во изминатиов период Македонија водеше исклучително успешна фискална политика што придонесе за намалувањето на инфлацијата и несигурноста во економијата.
Во врска со склучувањето на директните спогодби, за што Македонија деновиве доби и критики од меѓународната заедница, Казанѕопулос смета дека Владата треба да и даде шанса на меѓународната и домашната конкуренција , да ја зголеми транспарентноста и комуникацијата на пазарот. “Она што ние го велиме е Владата секогаш да се праша дали е тоа најдобриот договор што го склучува, дали може да се постигне подобар дил и да се видат сите алтернативи. Мислам дека премиерот тоа го разбира и знае дека ова е работа за која секој треба да биде внимателен. Не можете да го избркате приватниот сектор со тоа што ќе станете “поголем католик од папата или поголем благородник од кралот”, категорична е Казанѕопулос.
Нејзиниот став околу приватизацијата на ЕСМ е дека Владата треба да продолжи со овој процес според меѓународната практика, што воедно подразбира одвојување на различните делови на енергетскиот сектор-производство, дистрибуција и пренос. “Прво треба да се почне со прватизацијата на дистрибуцијата, потоа на производството, а преносот во повеќе случаи останува во државна сопственост. Ова се наши препораки кои мислам дека Владата ги зема предвид, а исти се и препораките на ЕБРД и на меѓународната зедница”, истакна вчера Казанѕопулос.
На средбата заеднички беше констатирано дека постојат две области – во делот на подобрување на инвестиционата клима во Република Македонија, особено внимание треба и понатаму да се посветува на реформите во судството, имплементација на новиот Закон за работни односи, значи пазарот на работната сила (создавање пофлексибилен пазар на работна сила), да се овозможи развој на мали и средни претпријатија, излезни механизми за стечајните постапки.


Весна М. БОЖИНОВСКА