Македонија е на 80 место меѓу 192 земји во светот според бруто домашниот производ по глава на жител. Ова се констатациите од анализата на Меѓународниот монетарен фонд според која во нашава земја бруто домашниот производ по глава на жител изнесува 7.749 долари.
Ваквото рангирање на првиот светски финансиер говори дека не сме најлоши , барем според овој параметар, но дека не сме ни најдобри во непосредното окружување, односно комшиите живеат далеку поквалитетно. Споредено со земјите од регионот полоши од нас се само Албанија и Србија и Црна Гора, додека непосредно, но сепак пред нас се Хрватска, Бугарија и Романија.
На прво место на табелата на Меѓународниот монетарен фонд според остварениот БДП по глава на жител се наоѓа Луксембург со 66.821 долари по глава на жител. На последно место на оваа табела на ММФ со најлоши показатели се наоѓа Источен Тимор со само 400 долари по глава на жител. Или ако е за утеха, што би значела нашата “средно жалосна” позиција во светот? Живееме осум пати полошо од малиот Луксембург, а 20 пати сме подобри од Источен Тимор.
Владата успеа да ги убеди цврстите монетарци од Фондот дека во скора иднина ќе се изместиме од оваа “средно добра, но незадоволителна” позиција, па ќе се фатиме за работа и ќе ја мрднеме продуктивноста по нагорна линија. Имено со предвидените и тековните структурни реформи таа се обврза да го забрза растот на БДП од три отсто годишно од 2003 -2004 година на 4,5 отсто во наредните три години. Стапката на раст за годинава, е проектирана на 3,7 проценти.


Весна М. БОЖИНОВСКА