Дербито на колото што требаше да биде и шлаг на првенството во лигашкиот дел меѓу двете најдобри екипи Ф. Работнички и Вардар О. малку недостасуваше да го донесе и срамниот епилог. Уште за време на играта јасно се виде дека на теренот нешто “мириса”, двете екипи ја посакуваа победата, но во жарот да се направи некаква предност се правеа и грешки и потези кои колку-толку судиите ги толерираа, иако досудија вкупно 51 лична грешка. За одбележување се 30 поени на Симиќ во првото полувреме од кои седум тројки и ниту едно згрешено слободно фрлање (8-8). Драмата во овој нервозен натпревар ја видовме во последната четвртина, посебно на пет секудни пред крајот кога Соколов прво искористи едно од двете слободни фрлања за водство на Вардар од 79:78. На 36 десетинки до крајот, судиите оценија дека Аврамовски направил лична над Тасовски, кој двапати беше успешен од линијата за слободни фрлања за победа на Ф Работнички. По последниот свиреж на сирената место поздрави на двете страни гледавме кошкања, мешаница на теренот, но за среќа не дојде до потежок инцидент поради брзата интервенција на полицијата. Во преостанатите две средби кои се одиграа во петокот, Поло Трејд како гостин славеше против домаќинот ФОН што му го донесе само петтото место, додека, пак, МЗТ Скопје 2000 повеќе тактизираше во дуелот со Маврово, давајќи им шанса на младите, чувајќи се за завршницата од Купот.


Фото: В. Перковски Славчо ТРОШАНОВСКИ