Жена ќе суди на СП 2006
Французинката Нели Виено може да стане првата жена линиски судија на Светското фудбалско првенство, објави ФИФА. Доколку ги мине психофизичките тестови, Виено ќе биде вклучена на листата за турнирот во Германија ова лето, објаснуваат од светската фудбалска централа.
Оваа 44-годишна судијка стана првата жена, која ги водеше натпреварите во француската Прва дивизија во 1996 година. Таа е една од 82-та кандидата за вкупно 60 места за линиски судиии на Мундијалот во 2006 година.
Виено има долг стаж како линиски судија во екипата, предводена од нејзиниот сонародник Ерик Пула, кој минатиот месец влезе во листата на оние кои ќе ја делат фудбалската правда на СП.
Французинката се има опробано како судија и на натпреварите од Лигата на шампионите, а арбитрирала и на средби од Олимписките игри во 1996 и 2004 година. Таа беше судија и на Светското првенство за жени во 2003 година во САД.
“Тоа би било нешто посебно. Би требало да покаже дека во иднина и другите жени можат да бидат помошни судии на светските првенства, меѓутоа и да ги водат натпреварите”, изјави портпаролот на ФИФА Андреас Верц.