Според некои италијански медиуми, сметан за речиси сигурен, трансферот на полудефанзивецот Џенаро Гатузо во рускиот прволигаш Анжи најверојатно нема да се оствари. Еден од симболите на италијанскиот гигант Милан неодамна изјави дека е подготвен да го прифати предизвикот и да ја продолжи својата кариера во Русија, а солидната финансиска понуда на клубот од Махачкала изгледаше како одлична варијанта.

Сепак, 33-годишниот Гатузо се разубедил по разговорот со својата сопруга која е Шкотланѓанка. Супериорната дама категорично одбила да се стопи во руската реалност, иако речиси сите фудбалери на Анжи живеат и тренираат во Москва, а не во престолнината на Дагестан.
Така ќе пропадне шансата во иста екипа да заиграат некогашните лути противници во Серија А, Гатузо и Бразилецот Роберто Карлос, кога настапуваше за градскиот ривал од Милано, Интер.
По пропаѓањето на преговорите со Гатузо, сопственикот на клубот од руската Премиер лига Сулејман Керимов реши да го привлече рускиот репрезентативец Игор Семшов. Искусниот полудефанзовец во моментов игра за екипата на Динамо од Москва, но договорот му истекува на крајот од годинава и летниот трансферен период е последна шанса за Динамо да заработи пари за него.

Семшов треба да биде новиот партнер во халфовската линија на Р. Карлос, кој добива задача да игра токму во таа зона од тренерот Гаџи Гаџиев.
Керимов е подготвен да фрли за селекција на лето околу 30 милиони евра со амбиции уште сезонава Анжи да обезбеди пласман за евротурнирите, а во случај на добар развој на настаните да атакува и на самиот врв на табелата. Во моментов клубот од Махачкала е на 4. место на табелата со 12 бодови.