Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи Жан Кастекс за нов премиер по оставката на Едуард Филип, јавуваат француските медиуми.

Набргу по оставката на францускиот премиер Едуард Филип, од Елисејската палата, резиденцијата на францускиот претседател, беше објавено дека денес ќе биде назначен нов премиер на Франција, објави АП.

Очигледно, францускиот претседател Макрон се обидува да отвори ново поглавје на француската политика во последните две години од неговиот мандат, фокусирајќи се на прашањата за рестартирање на француската економија, која беше сериозно погодена за време на епидемијата на коронавирусот и за тоа му треба нова влада.

Иако ја пофали тригодишната работа на претходниот премиер Филип, Макрон недвосмислено ги најави измените потребни за надминување на трнливиот пат на кој се најде француската економија.

Жан Кастекс (55) завршил студии на ЕНА (Националната школата за администрација). Работел во Судот за ревизори, бил заменик секретар на претседателството на Републиката во периодот меѓу 2011 и 2012 година, кога Никола Саркози бил претседател. Во првиот круг од општинските избори, што се оддржаа на 15 март, Кастекс беше реизбран за градоначалник во Прадес, град во источните Пиренеи.