Република Македонија во изминатиот период реализираше повеќе значајни проекти од областа на е-влада, како што се системот за интероперабилност, документ менаџмент системот, најразлични електронски услуги достапни за граѓаните и компаниите, како што се електронските даноци, електронските јавни набавки, електронска регистрација на компании, е-катастарот, електронско аплицирање во администрацијата…, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, вчера на отварањето на дводневниот состанок на Регионалната мрежа за е-влада, на кој беше презентирана оваа студија.
Оваа регионална студија е од особено значење за Македонија и земјите од регионот, бидејќи се анализира индивидуалниот развој во сите сегменти на е-влада, а резултатите се споредуваат со останатите земји на кои се однесува студијата, како и со најдобрите практики во ЕУ. Предложените препораки во студијата, направени врз основа на спроведените анализи даваат нов видик на тоа како може уште повеќе да се подобри состојбата во областа на е-влада, која е еден од главните двигатели на реформите во јавната администрација, рече во своето обраќање министерот Ивановски.