Европската унија (ЕУ) преговара за договори за набавка на вакцина за ковид-19 со пет производители, а тие се Модерна, Санофи,Џонсон и Џонсон, како и биотехнолошките компании Бионтех и Куревак.

Како што јавува агенцијата „Ројтерс“, станува збор за веќе најавената заедничка набавка на вакцини и лекови, но сега со конкретни податоци.

Напорите за постигнување договор со производителите на вакцините продолжуваат по претходниот договор постигнат од четири земји членки на ЕУ со компанијата AstraZeneca за набавка на 400 милиони дози на вакцината, што ја развива со универзитетот Оксфорд, која би била достапна на сите 27 земји членки на ЕУ.

Купување на 200 милиони дози се преговара со американската компанија „Џонсон и Џонсон“ и не е исклучено да се зголеми оваа количина.

Исто така, познато е дека тие преговараат со францускиот Санофи, кој ја развива вакцината во соработка со британскиот GlaxoSmithKline, за набавка на 300 милиони дози, кои би пристигнале во втората половина на следната година. Санофи потврди дека преговорите за набавка на таа количина на вакцини со ЕУ се во напредна фаза.

Компанијата Модерна, чие тестирање на вакцината најмногу напредува, потврди дека е во преговори со европските земји за продажба на вакцината, но дека сè уште не е постигнат договор.

Во игра се и две германски компании за биотехнологија, Бионтех и Куревак, но никој од нив не сака да ги коментира преговорите со ЕУ.

Набавката на вакцината ја води одбор назначен од Европската комисија.

извор: Makfax