Европската Унија денеска напладне ќе ги затвори границите поради лимитирање на ширењето на коронавирусот. Лидерите на 27 земји членки на ЕУ поддржаа координирана, привремена рестрикција за влез во Унијата.

Одлуката е за најмалку 30 дена, во кој период ќе бидат ограничени сите патувања во ЕУ, кои не се од суштинско значење.

Одлуката за затворање на надворешните граници на ЕУ е донесена откако епицентарот на пандемијата од Азија се пресели во Европа.

„На земјите членки е да ја применат оваа мерка, а кажано е дека тоа веднаш ќе се направи“ изјавила претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.

По видео-конференцијата со лидерите на 27 земји членки на ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел порача дека предлогот на ЕК за воведување рестрикции за влез на андворешните граници на ЕУ добил поддршка од земјите членки.

„За да дополнително се лимитира ширењето на вирусот, се договоривме да ги зајакнеме надворешните граници со примена на координирана привремена рестрикција на влезови кои не се од суштинска важност и тоа на 30 дена“ порача Мишел.

Во Брсиел велат дека со оваа мерка ЕУ ќе има „единствен и обединет“ пристап кога се работи за надворешните граници. Исто така лидерите на ЕУ повикаа на овозможување на движењето на стоки внатре во границите на Унијата и враќање на граѓаните во сопствените земји.

извор: Makfax