Жалбениот совет составен од тројца судии, двајца од редовите на мисијата на Косово ЕУЛЕКС и еден од Основниот суд во Приштина, вчера го потврдија обвинението против петтемина осомничени во случајот Медикус, познат на јавноста за нелегална трансплатација со човечки органи во Косово.

Мисијата на ЕУЛЕКС вчера и официјално соопшти дека жртвите во 2008 година во клиниката Медикус во Приштина биле од различни земји. Имено за трговијата со луѓе и организираниот криминал засега осомничени се пет лица за кои се сомнева дека лично ги отстранувале органите од жртвите. Тројца од осомничените се теретат за незаконито применување на медицината, а останатите двајца за злоупотреба на службената положба. Во соопштението на мисијата на ЕУ во Приштина се наведува дека засега се чека на закажување на рочиште во Основниот суд во Приштина и отпочнување на постапка против обвинетите. Покрај веќе осомничените за кои се уште не се открива нивниот идентитет, осомничени се и уште две лица, кои се во бегство.

Постапката за кривично гонење ќе биде под надзор на канцеларијата на специјалното тужителство на Косово. Случајот Медикус во јавноста е познат по илегалната трансплатација на човечки органи во која беше замешан и премиерот на Косово, Хашим Тачи.