Камерунскиот напаѓач од редовите на Барселона, Самуел Ето изјави дека нема намера да го напушти “Ноу Камп” и да се пресели во Челзи. Каталонскиот клуб веќе го предупреди раководството на лондонскиот клуб да не испраќа понуда за Ето, за која се шпекулира дека ќе биде во висина од 45 милиони евра, а Камерунецот соопшти дека Челзи ја пропуштил шансата минатото лето, кога се одлучил да потпише со репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Дидие Дрогба. – Немам никаков интерес да преминам во Челзи, бидејќи во моментов настапувам за најдобриот клуб на планетава. Тие имаа можност да потпишат договор со мене минатото лето, но сега таква опција не постои. Никогаш нема да потпишам за тим што е трениран од Хозе Мурињо. Неговото однесување во осминафиналето од ЛШ ги уништи односите меѓу двата клуба. Без разлика на бројот на титулите што ги има освоено Португалецот, тврдам дека стратегот на Барселона, Франк Рајкард е подобар тренер. Во моментов мојот сон е да играм против Челзи, затоа што треба да ја увидат минатогодишната грешка. Јас сум подобар играч од Дрогба, а Мурињо го знае тоа – изјави Ето. Од друга страна, претседателот на Барса Жоан Лапорта изјави дека нема да ја продада ѕвездата на тимот Ето за “сите пари на светот”.