Шампионот од Евролигата, Реал Мадрид стигна до фантастична и драматична 84:82 гостинска победа кај Анадолу Ефес, враќајќи се од сигурен пораз во лудата последна четвртина.

Двата тима влегоа во натпреварот со 8-2 скор оваа сезона во Евролигата, и во првото полувреме беше релативно израмнето, за во финишот Ефес да стигне до 52:45 предност. Турскиот клуб беше апсолутно фантастичен во третата четвртина за да направи предност од +15 (69:54), но „кралскиот клуб“ доминацијата ја потврди во финишот (последната четвртина ја доби со 24:8).

Густаво Ајон уфрли 20 поени за Реал, Серхио Љуљ имаше 12, а Треј Томпкинс 10 поени, додека за Ефес, Адриен Мерман имаше 19, а Василие Мициќ 15 поени. За Реал ова е вистинско враќање во форма, откако по фуриозниот старт на сезоната имаа два порази едноподруго (од Олимпијакос и ЦСКА).

извор: Makfax