Огласувањата на работни места се прават по претходно добиена согласност од Mинистерството за финансии и немаат врска со политичките случувања, реагираат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), по обвинувањата изнесени од ВМРО-ДПМНЕ дека на 8 дена пред техничка влада ЕЛЕМ распишува оглас за вработување на нови 30 лица.

„АД ЕСМ се држи до интерниот финансиски план во кој вработувањата се предвидени и по број и по финансиски импликации, како и до постоечката систематизација која е затекната. Објавените огласи се базираат на согласност добиена во тековната година и која важи до 31.12.2019 година, со право на компанијата да одлучи кога ќе ги објави и истото нема никаква поврзаност со политички случувања во државата. Дали и колку места од сега огласените места ќе бидат пополнети, ќе зависи од квалитетот на кандидатите кои ќе бидат пријавени и дали ќе има пријавени за сите позиции“, велат од ЕСМ.

Оттука напоменуваат дека на последниот оглас објавен во ноември оваа година некои работни места останале празни затоа што немало пријавени кандидати, и тие места сега се повторно огласени.

„АД ЕСМ има потреба од различни профили на вработени, во зависност од потребите на работниот процес. Во последните два огласи се побаруваат лица со високо, средно и основно образование за различни дејности. Согласно законот, сите граѓани можат да аплицираат на огласите“, се додава во реакцијата.

извор: Makfax