“Демантираме дека кога било од сметката на “Електростопанство на Македонија” се префрлени пари на сметката на Сојузот на синдикатите на Македонија. ЕСМ нема никакви бизнис односи, ниту деловни, ниту финансиски за да има обврска да префрла пари на ССМ. Единствено има обврска само кон Самостојниот синдикат на ЕСМ”, истакна на вчерашната прес-конференција портпаролот на ЕСМ, Бране Стефановски. Пресот беше со цел да се демантира изјавата на синдикалниот лидер на СОНК, Дојчин Цветановски дека лани ЕСМ префрлиле 10 милиони денари на сметката на ССМ како еден вид позајмица, а кои завршиле како неповратна помош.
Обвинувањата на Цветановски, за првиот синдикалец на Самостојниот синдикат на ЕСМ, Роберт Симоноски се лажни, неосновани и тенденциозни со цел да го урнат угледот на синдикатот и ЕСМ во која делуваат. Симоноски им порача на претседателите на гранковите синдикати да не се мешаат во работата на другите синдикати, туку да се позанимаваат со решавање на своите синдикални проблеми. Тој демантира дека по кој било налог Владата префрлила пари на синдикатот на ЕСМ.
Симоноски рече дека неговиот синдикат ги подмирува обврските што ги има кон ССМ во вид на членарина која годишно изнесува два милиони евра. Тој запраша дали некој има право да им ја урива организацијата која самите ја формирале и афирмирале цели 60 години. – Личната нетрпеливост нека ја задржат за себе не нарушувајќи го угледот и постоењето на ССМ, им порача на Цветановски и на лидерот на ССМ, Ванчо Муратовски кои веќе неколку недели се препукуваат преку јавните гласила, повикувајќи ги своите недоразбирања да ги решат низ статутарните одредби на ССМ.
Лидерот на синдикатот на ЕСМ одбегна да каже дали ќе се кандидира за избор на нов претседател на ССМ што треба да се случи на редовниот синдикален конгрес по шест месеци. Но, не ја исклучи можноста, доколку биде предложен од своето членство и да се вклучи во трката за ова престижно место.


Светлана БЛАЖЕВСКА