Новото “Електростопанство на Македонија”, кое настана по издвојување на делот на преносот (МЕПСО останува во дражавна сопственост) до крајот на годинава ќе се продаде на странски инвеститор. Притоа претходно, најдоцна до јули, претпријатието ќе се подели на два дела – на пренос и диструбуција кои како посебни правни субјекти ќе бидат дел од холдингот ЕСМ. Ваква одлука донесе Владата по завчерашната маратонска седница, на која се правеше избор кој модел на приватизација да се прифати како најповолен – дали продажба во еден дел или на посебни пакети. Според Фатмир Бесими, министер за економија, поделбата што се прави на производството и на дистрибуцијата е со цел да се покаже дека сме сериозни во реформите, а се очекува на овој начин да се добијат и повеќе пари од продажбата и сериозен стратешки инвеститор. Колку средства се очекува да се “кешираат”, засега не се кажува бидејќи ќе се чека да се види кој и колку е подготвен да даде за ЕСМ, но, наводно, постоел праг под кој нема да се оди. Тендерот за претквалификација на фирмите, кои сакаат да бидат газди на ЕСМ, ќе биде распишан најдоцна до мај, а потоа и оној за избор на најдобра понуда, за што консултантот, конзорциумот “Мајнел банк” веќе добил задача да го подготви. Засега, се уште не е одлучено колкав процент од холдингот ќе се продава, но тој нема да биде помал од 51 отсто. Дали ќе има и колкава корекција на цената на електричната енергија, според Бесими, ќе одлучи Регулаторната комисија и тоа во зависност од цените во регионот, трошоците, но и ситуацијата во земјава. Истата комисија, инаку, ќе биде таа која ќе оневозможува монопол, а како што смета министерот за економија, со одвојувањето на преносниот систем и со работата на оваа комисија нема да се повтори искуството од продажбата на “Телеком”.


Зденка ПАВКОВИЌ