На вчерашниот состанок во Загреб (х.”Шератон” – 14 ч.) на претставниците на групата “Е”, каде покрај Македонија се наоѓаат уште Англија, Хрватска, Русија, Израел, Естонија и Андора, до затворањето на весникот (16 ч.), се уште немаа постигнато договор за распоредот на средбите во квалификацискиот циклус за ЕП 2008 во Швајцарија и Австрија.
Предлозите дадени во првиот дел од средбата беа прифатливи за сите сојузи, а според нив македонската фудбалска репрезентација во првото коло на 16 август треба да гостува во Естонија. На 2 септември би биле слободни, а четири дена подоцна би ја пречекале Англија на Градскиот стадион во Скопје. Кампањата ќе продолжи на 7 октомври со втората средба против “Гордиот Албион” на “Вембли”, а на националниот празник 11 октомври е планирано гостување кај големиот должник од минатите квалификации Андора.
– Задоволен сум од предлозите, бидејќи го добивме она што го баравме и посакувавме пред состанокот. Желба ни беше првата средба со Естонија да ја играме дома, но и тие инсистираат квалификациите да ги почнат пред своите навивачи, изјави претседателот на Фудбалскиот сојуз на Македонија, Хари Хаџи-Ристески, кој заедно со генералниот секретар Лазар Митроски го сочинуваат преговарачкиот тим на “црвено-жолтите”.
Според најавите договорено е првиот дел од седницата да трае до 17,30 часот, а ако не биде постигнат договор, по паузата за ручек беше најавена втора рунда преговори. (С.Д.)