Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја повика меѓународната заедница во Либија да не ги повторува грешките од Сирија, пренесе агенцијата Анадолија.
Ердоган ова го кажа на церемонијата на отворање на новите објекти од Турско-германскиот универзитет во Истанбул, на која беше заедно со германската канцеларка Ангела Меркел.

Во пресрет на неговата средба со Меркел, турскиот претседател кажа дека темата за Либија, како и другите регионални прашања, ќе бидат ставени на масата за разгледување, паралелно со турско-германските билатерални односи.

Турскиот лидер истакна дека атмосферата на хаос во Либија ќе го засегне целиот средоземноморски басен. Според него, напорите за постигнување мирно решение во Либија треба да бидат забрзани за повторно да не соберат сили терористичките групи, како Исламска држава и Ал Каеда.

„Ќе продолжиме да бидеме до своите либиски браќа во овие тешки времиња во името на мирот, спокојот и иднината“ подвлече Ердоган.

Турскиот претседател изрази надеж дека Турско-германскиот универзитет ќе се претвори во симбол на пријателство меѓу двата народа, исто како што век и половина во градот постои германска гимназија.

извор: Makfax