Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска вети дека турските сили ќе ги протераат милитантите долж турската граница со Сирија и се закани дека Турција би можела да ја прошири сегашната воена операција во северозападниот дел на Сирија, сѐ до границата со Ирак.

Турската офанзива во областа Африн во Сирија е насочена против курдската милиција YPG, која ja смета за закана по безбедноста. Со тоа се отвори ново бојно поле по долготрајната граѓанска војна во Сирија, а турските власти дополнително ги влошија односите со Вашингтон.

Од почетокот на акцијата, наречена „Маслинова гранка“, Ердоган предупредува дека турските сили ќе продолжат да се движат на исток кон Манбиџ, ризикувајќи да се судрат со американските војници кои се стационирани таму.

„Операцијата Маслинова гранка ќе продолжи додека не ги постигне своите цели. Ќе го ослободиме Манбиџ од терористите, како што ветивме и нашата борба ќе продолжи се додека нема ниту еден терорист до нашата граница со Ирак“, рече тој.

Манбиџ се наоѓа во курдска област во Сирија околу 100 километри источно од Африн.

Турција во четвртокот ги повика САД да престанат да ги поддржуваат борците на YPG ако не сакаат конфликт со турските сили на теренот.

Анкара смета дека курдската милиција YPG е продолжена рака на забранетата Курдистанска работничка партија (PKK), која веќе три децении се бунтува против турската власт во југоисточна Турција.

Вашингтон смета, пак, дека YPG е корисен партнер во борбата против „Исламската држава“ во Сирија, позиција која предизвикува гнев кај турските власти.

извор: Makfax