Фудбалерите на Барселона само со еден освоен бод ја започнаа одбраната на шампионската титула во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Каталонскиот гигант доминираше на “Олимпико” но на крајот не излезе како победник во дуелот против италијанскиот калчолигаш Рома.

Освен дека е незадоволен од конечниот резултат, предводникот на Барса, Луис Енрике по натпреварот изјави дека најлошата вест од гостувањето во Рим е повредата на бразилскиот интернационалец Рафиња.

Младиот играч за врска беше грубо фаулиран од белгискиот интернационалец Раџа Најголанд и според последните информации Рафиња има заработено потешка повреда на десното колено.

Не е лесно да се игра во три натпреварувања, каде има толку добри и квалитетни противници, но ние имавме неколку шанси да славиме на овој натпревар. Мислам дека бевме подобар противник и заслужвме да славиме на овој натпревар. Без дилема, најлоша вест е повредата на Рафиња. Мислам дека таа ситуација влијаеше и врз нашата игра. Ми се чини дека станува збор за потешка повреда, изјави Енрике.

По подолга пауза се насмеа и најконтроверзниот менаџер на денешницата, предводникот на Челзи, Жозе Мурињо.

Лондонските “сини” не дозволија уште едно изненадување на “Стемфорд Бриџ” и сосема заслужено со 4:0 го торпедираа најдоброто од Израел, тимот на Макаби ТА.

Искрено, заборавив какво е победничкото чувство. Помина подол период од последната наша победа. Многу е добро, многу добро чуство.Промашивме удар од белата точка, но тоа беше еден голем тест за нас. После пет минути, моравме повторно да го стартуваме натпреварот. Многу е важна реакцијата на фудбалерите кога се е против нив. Одличен тест за нашиот карактер. Можам да потврдам дека сум задоволен од прикажаната игра и од конечниот резултат, изјави Мурињо.

Португалскиот стручњак додаде дека не е среќен поради поразите на останатите англиски претставници во Лигата на шампиони.

Тажно е тоа што им се случи на останатите англиски клубови. Тоа е многу лошо и јас не сум среќен. Сакам кога Сити, Арсенал и Јунајтед губат во домашниот шампионат, но не и во Лигата на шампиони. Секоја сезона се потешко и потешко им е на англиските клубови. Во игра беа 12 бода, но се освоени само три. Тоа е лоша вест, изјави “специјалниот”.