Обврзниците што ги издава државата за старото девизно штедење и за денационализација, во изминатите неколку месеци бележат вистински процут на пазарот на капитал. Обврзниците станаа најатрактивен начин на штедење и на остварување профити и камати, кои не ги дава ниту една банка во државата. Просечниот принос од обврзниците се движи меѓу 11 и 14 насто годишно, колку што не е ниту една банкарска камата за ниту еден вид штедење. Односно, најголемите камати за денарско штедење на орочени средства на една година, се движи околу 6-7 насто, а на заштеди во евра од 2 до 2,5 насто, или каматите од државните обврзници се повисоки за два до шестпати од банкарските. На Македонската берза за хартии од вредност во изминатиот период се истргувани 29,30 милиони евра од четирите видови обврзници, кои се котираат на пазарот на хартии од вредност. На пазарот, велат берзанските експерти е вистинска јагма по државни обврзници. Најголеми купувачи се два странски инвестициски фонда, еден хрватски и еден словенеч ки, иако и англиски инвестициски фонд одамна се интересира за државните обврзници. Тоа, конечно, се одрази и врз цената на обврзниците, која е во постојан пораст. Обврзниците на Република Македонија за старото девизно штедење во изминатиот период се движеа од 70 насто од номиналната најниска вредност, за деновиве да стигне до 79,7 насто максимална цена или просечна цена од 72,1 насто. Тоа е пораст на цената од 11,1 насто. Кај првата емисија обврзници од денационализацијата, која е и најбаран продукт на пазарот на капитал, минималната цена беше 62,2 отсто, за и таа да достигне вредност од 79,9 насто, а рапиден пораст достигна и втората емисија обврзници од денационализацијата, кои поскапеа од 62 на 80,4 насто од номиналната. Кај третата емисија денационализација, цената се движи од 55 отсто до 66 отсто од номиналната. Засилениот интерес за државните хартии од вредност, според берзанските експерти не се должи само поради можноста за екстрапрофити што се остваруваат со нив, за што и граѓаните масовно ги купуваат, туку и на низа околности. Најавата на формирањето на трет пензиски столб, односно новите пензиски фондови што ќе се формираат идната година, ги поскапе обврзниците, со оглед на фактот дека тие фондови масовно ќе купуваат обврзници, а сите оние што сега ги купуваат поевтино, ќе можат да ги продадат далеку поскапо, со што и ќе кешираат поголеми суми пари. Згора на тоа, со нив се плаќа и градежното земјиште, за кое се продолжи важењето на Законот. Во октомври доспеваат и ратите за плаќање на концесии, сите радиодифузни друштва, но и други концесионери од различ ни области и плаќањето со државни обврзници, им е најевтина варијанта.


ВИОЛЕТА ЦВЕТКОВСКА