Енергетиката ќе не извлече од криза
Владата планира до крајот на 2007 година со околу 1,3 милијарди евра да реализира вкупно 98 инвестициски проекти. Тригодишната владина програма за јавни инвестиции, која ги содржи приоритетите предложени од министерствата, предвидува со споменатите пари да се изведат повеќе енергетски зафати, да се реконструира комуналната и патната инфраструктура, да се обноват повеќе училишта и здравствени домови, па дури и да се изгради гасна централа и да се догради пругата кон Бугарија.
Парите потребни за овие обемни проекти се планира во поголем дел да се обезбедат преку странските инвеститори во вид на концесии, донации, директни или заеднички вложувања. Најголем обем на неповратни средства од странство е потребен за проектите во водостопанството и екологијата. Поточно, според направените калкулации на Владата околу 300 милиони евра треба да се обезбедат од странски кредити, дополнителни 142 милиони исто така би дошле од странство, но како неповратни средства, 113 милиони треба да се издвојат од државниот буџет, а остатокот треба да го дадат министерствата и фондовите, пред се оној за патиштата.
За развој на стопанската инфраструктура според математиките се планираат 660 милиони евра, што е дури 87,8 проценти од износот предвиден за сите три години, додека другиот минимален дел ќе отиде за реализација на проектите што не се поврзани со стопанството. Гледано по сектори, за енергетските проекти е планирано да се насочат 40,7 проценти од парите, за сообраќајни 27,99 проценти, за водостопански 19,9, за комунални услуги 4,16, за унапредување на животната средина 4,2, за образование и наука само 1,22 и за здравството 2,37 проценти. Според тригодишната владина програма за јавни инвестиции планирано е најголем дел од средствата или околу 274 милиони евра да се потрошат годинава, додека идната година ќе треба да се реализираат проекти во вредност од 265 милиони, а во 2007 година е планирано да се инвестираат 203 милиони евра на има на јавни инвестиции.
Енергетскиот сектор кон кој ќе се насочат најмногу пари е и најбогат со проекти. Како приоритетни зафати за периодот 2005/2007 година предвидени се ревитализација на енергетските системи, изградба на нови хидроцентрали и централи на гас, како и проширување на постојната гасоводна мрежа. Во делот на сообраќајот е предвидено да се изградат, освен пругата кон Бугарија, и неколку патни делници на двата коридора север-југ и исток-запад. Во здравството се планирани проекти со кои ќе се изврши реконструкација на старите дотраени објекти и ќе се овозможат услови за трансформација на секторот, додека во образованието акцентот ќе се стави на создавање услови за научно-истражувачка дејност. Во образованието според состојбите на теренот половина од училишните згради во земјата се руинирани и неупотребливи, а парите потребни за овие обемни проекти за нивна реконструкција и санација се уште не се обезбедени од странските инвеститори на кои што типува Владата. Водостопанските проекти според програмата, главно, се однесуваат на обезбедување на вода за пиење и наводнување, односно изградба на пречистителни станици, а еколошките за заштита на водите од загадување.
Од Министерството за финансии велат дека предвидените пари во буџетот за годинава се реализираат според предвидената динамика за оние проекти кои се планирани да се реализираат до крајот на 2005 година.
Весна М. БОЖИНОВСКА