Врховниот суд на Македонија ја одби тужбата на “Арарат” од Никшиќ со што го потврди решението на второстепената владина комисија, со кое е поништена трансакцијата со акциите на охридски “ЕМО” на Македонската берза. Станува збор за 36,16 проценти од капиталот на “ЕМО” за кој “Арарат” платил 49 милиони и 589 илјади денари. Второстепената владина комисија утврдила дека се работи за купување на акции на “ЕМО” со пари стекнати со казниви дејствија. Сопственикот на оваа фирма Миодраг Марковиќ, отворил резидентна сметка во “Стопанска банка” во Скопје, каде што внесувал готови пари избегнувајќи ги даночните давачки, а внесувал и готови средства кршејќи ги прописите на платниот промет. Средствата кои ги внесувал не ги пријавувал на царинските органи во својата матична земја и така внесените пари ги употребил за купување на акциите на “ЕМО”. Со оваа пресуда Врховниот суд го задолжил Централниот депозитар на хартии од вредност да ги врати акциите во книгите на “ЕМО”, со што е ставен и крај на двегодишната судска процедура за поништување на трансакцијата со акциите на најголемата охридска фирма. (МИА)